На 28 октомври 2011 година во хотелот Лав во Куманово, пред заинтересираните претприемачи беше презентиран концептот на општествена одговорност на претпријатијата. Присутните ги поздрави Младен Протиќ, раководител на Центарот за развој на североисточниот плански регион, кој беше соорганизатор на настанот. Од името на Министерство за економија на Република Македонија на присутните им се обрати Бети Попова, а Гонце Јаковлеска зборуваше од името на Македонската развојна фондација за претпријатија.

IMG 8939

Владимир Петковски од Економскиот факултет зборуваше од името на Националното координативно тело за ООП. Тој се осврна на ООП како нова парадигма за компаниите и ја потенцираше потребата да се бара поголема корпоративна транспарентност, одговорност и отчетност, да се зголеми притисокот од медиумите и граѓанското општество и да се развие свеста кај компаниите за нивната одговорност во поглед на правата од работен однос, зачувувањето на животната средина и корупцијата.

Зборувајќи за сегашната состојба, тој се осврна и на резултатите од подготвената Референтна студија според која: ООП се уште се подразбира како надворешна компонента, како нешто што доаѓа од опкружувањето во вид на одредени барања на кои претпријатијата треба да реагираат и одговараат во согласност со своите можности. „За жал“, рече тој, „ООП се уште не се разбира како внатрешна потреба на претпријатијата, како нешто што треба да има директна врска со нивната позиција на пазарот во општеството.“ Според него, таа треба да биде вградена во нивната деловна стратегија и мисија на фирмата и да биде основа и рамка на носење на нивните стратешки одлуки.

Беа презентирани и општествено одговорните практики на ОНЕ. Ивона Галиќ-Петков од ОНЕ рече дека филозофијата на ОНЕ е да биде активна општествено одговорна компанија, добар корпоративен граѓанин кој негува високи етички стандарди, како во така и вон компанијата и да придонесува во општеството поддржувајќи бројни спортски, образовни, културни но, и социјални и филантропски активности за помош на ранливите општествени групи. Таа ги наброи областите на кои се фокусирани, а се во делот на вработени, работа во заедницата и животна средина. „Заедницата не доживува како компанија која интегрира хуман и етички аспект во работењето, како компанија со човечки лик и карактер“, рече таа во својата презентација, „вработените се задоволни и горди затоа што работат во општествено одговорна компанија, а добиваме и поинаква конкурентност на пазарот и подобар имиџ со тоа. Се разбира не изостанува лојалноста на вработените, соработниците, корисниците и наградите и признанијата.“

IMG 8914

Присутните претприемачи се пожалија на нерамноправниот третман на домашните и странските инвестиции и на општествената одговорност на целото општество вклучувајќи ги органите на власта. Тие зборуваа и за лошата наплата на побарувањата и недостатокот на заштита за компаниите. Освен тоа, според нив, дел од тешкотиите со кои се соочуваат се во делот на урбанизмот, неменувањето на урбанистичките планови кои директно влијаат на проширувањето на нивните бизниси.

Презентацијата е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“, чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект.