На 5 јули 2011 година, во Велес се одржа презентација за општествената одговорност на претпријатијата. За активностите на Министерството за економија за поттикнување на општествената одговорност заборуваше Маја Ќурчиева. Таа се осврна на историјатот, институционалната поставеност и улогата на Владата во овозможувањето на општествената одговорност на претпријатијата.

Општествено одговорни претпријатија

Горан Лазаревски од Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата се осврна на актуелната состојба во оваа област, на мотивите за воведување на овој концепт за претприемачите и за државата. Според Лазаревски, не е точна тезата дека македонските фирми не се општествено одговорни. „Немаме критериуми за пресуда, немаме база на податоци, немаме инструменти да ги стимулираме фирмите да бидат поодговорни", рече тој. За Лазаревски, осудата и етикетирањето не се решенија, напротив, треба да се истакнат позитивните практики кои ги има доволно. Тој се осврна и на Националното координативно тело за ООП, на неговата мисија и цели, како и на задачите кои ќе ги спроведува.

За самиот проект зборуваше Лазар Неданоски од МРФП. Во анализата на состојбата во оваа област тој се осврна на немањето свест за концептот на ООП, недостатокот на соодветни капацитети на клучните актери и недостатокот на поддржувачка околина за општествена одговорност на претпријатијата. „Овој проект", вели Неданоски, „ќе се фокусира токму на овие три работи, а во активностите ќе вклучи повеќе актери од различни сектори."

На присутните им се обратија и претставници од претпријатијата Благој Ѓорев и Хемија комерц кои зборуваа за нивните добри практики во бизнисот. Ирена Брчкова зборуваше за проектот „Враќање на сончогледот на македонските полиња". Таа потенцираше дека идејата на проектот била да се зајакнат домашните ресурси со поддршка на домашните производители и да се произведува квалитетно сончогледово масло од домашно поднебје. Фокусот притоа е ставен на негувањето коректен однос со македонскиот земјоделец како добавувач. Владимир Трајковски зборуваше за вложувањето во заедницата што го прави Хемија комерц. Меѓу другото, тој потенцираше дека ова претпријатие спонзорира во областа на спортот и културата, а ги поддржува и лекарите во остварувањето на дополнителна обука. Посебно се горди на нивните политики за заштита на животната средина.

Целта на настанот беше да се промовира општествената одговорност на претпријатијата во земјата, постоечката регулатива како и да се објасни нејзината примена во малите и средните претпријатија.

Презентацијата е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија", чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект.