Индекс на артикл

Новинари од седум редакции и претставници на Тутунска банка и на МРФП од 16 до 19 ноември беа дел од студиската посета на Словенија посветена на општествената одговорност на претпријатијата и известувањето на медиумите за неа. Тие посетија две компании, една банка и три медиуми.

IMG 9099


ИТ компаниите одлично место за работа

Двете компании што ги посетија учесниците беа од сферата на информатичката технологија.

Халком е основана во 1992 година и обезбедува решенија за финансиски институции. Во 2003 година компанијата е прогласени за најбрзорастечка. Нивната корпоративна култура се базира на взаемна доверба и почит, на мултикултурна почит на постојан пренос на знаење низ транспарентни човечки врски. Нивната постојана цел е да се постигне најдобриот квалитет. Тие имаат верба дека постојаните промени се здрави и дека треба да се биде подобар во се што се прави. „Работникот не можете да го држите на работа под услови кои не ги сака“, вели Матијаж Чадеж, претседавач на одборот и извршен директор на Халком. „И да остане, тој нема да биде продуктивен. Мислиме дека кога им даваме на вработените добиваме повеќе отколку тоа да го правиме со уцени. Сакаме луѓето добро да се чувствуваат во фирмата тогаш и работата многу полесно се одвива, ефектите се поголеми. Принципите се важни, ние ги почитуваме луѓето и веруваме дека и тие на тој начин ќе не почитуваат нас“, вели тој.

IMG 9178

И во Инфотехна, која постои од 1988 година и се занимава со софтвери за фармацевтска индустрија, во фокусот се вработените. „Работиме многу за да ги задржиме луѓето“, рече Соња Јаковљевиќ. „Посебно оние стручните. Обично им треба 1 до 1,5 година да почнат да работат и вистински да произведуваат. Ако 2 години потоа си заминат, тогаш, тоа е многу скапо за нас. Времето се менува па денес младите често ги менуваат работните места. Сите информатичари имаат голема желба за учење, а се интересираат и за други работни места. Голем дел од обуките што ги организираме за нив се надвор од Словенија. Според теоријата, информатичарите не се лојални и тешко е да ги задржите. Во Инфотехна се обидуваме да ги задржиме така што влијаеме на работната околина“, додава Јаковљевиќ. Во работата вклучуваат мотивациски програми, многу меѓусебна комуникација, внатрешна флуктуација на работните места каде што е можно итн. „Вишокот работни часови се надополнува со вишок одмор“, вели Соња Јаковљевиќ, „тоа понекогаш прави проблем во панирањето но пробавме и функционира“.

И двете компании се носители на сертификатот Family frendly кој во основа заговара балансирање на времето поминато на работа и надвор од неа. „Не сакаме да ги изгориме луѓето на работа“, вели Чадеж од Халком, „затоа, не ја поттикнуваме работата надвор од работното време.“

IMG 9090

Во Халком им помагаат на родителите да се организираат со чувањето на деца во периодите на распусти, имаат и сопствена градинка за децата на вработените. Во врска со тоа дали повеќе чини воведувањето на сертификатот Family frendly, Јаковљевиќ рече дека има спротивставени мислења, „не успеавме да најдеме методологија да го измериме тоа. Но на прашањето дали во време на криза размислувале да скратат на општествената одговорност во односите со вработените таа рече: „Размислувавме за тоа околу 1 минута и рековме не! Луѓето се толку задоволно што не се исплати да се прави тоа.“

Надвор од фокусот на вработените и двете компании се ангажираат во другите сегменти на општествена одговорност. Во Халком организираат собирни акции (хартија, играчки и сл.) за маргинализирани групи или за училишта, месечно донираат за социјално загрозени семејства, соработуваат со Универзитетот и ги поддржуваат студентите од факултетите што им се од интерес, а поддржуваат и културни настани во помалите места.

Што се однесува до медиумите, и двете компании не инсистираат на маркетинг туку на ПР. Сметаат дека е добро што во време на криза, медиумите успеваат да ги популаризираат позитивните приказни.


„Не работиме со компании кои не се одговорни“

Уни кредит банка е водечка европска банкарска мрежа која работи во 22 земји, има 35 милиони активни клиенти и вкупно 160.000 вработени. Според Ален Најденовски, раководител на одделот за грижа за корисници, општествената одговорност во банките, пред 5 години, била во доменот на малите банки. „Секоја година, се поголем број од големите банки се придвижуваат во таа насока, нашите клиенти го бараат тоа“, вели тој и додава дека клиентите се подготвени да платат и повеќе ако банката е општествено одговорна.

„И покрај финансиските проверки, сепак 84% од одлуките се носат на основа на нефинансиски информации“, вели Најденовски. Според него, репутацијата многу влијае на цената на акциите на компаниите. „Не работиме со компании кои не се одговорни како што е на пример Цементарницата која ја загадува околината, игри на среќа, производство на оружје и сл.“

И УниКредит банка го поседува сертификатот Family friendly. Учесниците на студиската посета имаа можност да поразговараат и со д-р Франце Архар, претседател на управата на банката. Во врска со односите со вработените тој вели: „професионално среќен човек треба да има среден живот и дома. Позитивната атмосфера дава и профит“. Негувањето на таквиот однос кон вработените на банката и ја донесе награда за најдобар работодавец.

IMG 9079

Својата општествена одговорност ја покажуваат низ повеќе акции. Организираат камп на море за сиромашни деца и сирачиња кои ги водат пензионирани учители и наставници. Релациите меѓу децата на наставниците траат многу подолго од кампот. Организираат волонтерски акции во кои учествуваат вработените, во една таква акција го реновирале одморалиште за деца без семејства во Крањска Гора и Дебели Ртич. Банката основала УниКредит фондација со која доделуваат награди за најдобрите проекти за социјална инклузија на непрофитни организации. Вкупниот износ на средства за три наградени проекти е 100.000 евра. Интересот за ООП меѓу вработените се зголемува. Заинтересираните за волонтерска работа во нивното слободно време се организирани во тематски групи. Општествено одговорните практики банката ги шири и надвор од границите на Словенија, тие посвоиле 4 деца на дистанца (во Индија) на кои им плаќаат месечен надомест за образование и други трошоци.

За нивните релации со медиумите велат дека се добри но, кога тие не се заинтересирани за позитивни акции, информациите ги шират преку своите вработени.


Општествено одговорни во известувањето, но не и како компании

Два дневни весници и една телевизија беа дел од програмата на студиската посета.

Финанце е специјализиран дневен весник за економија и бизнис. Со една од уредничките, Дуња Турк, учесниците разговараа за проектите за општествена одговорност но и за другите аспекти на функционирањето на весникот.

IMG 9134

Веќе седум години, Финанце составува и објавува листа на топ општествено одговорни претпријатија. „Нема профит од ваквиот производ“, вели Турк, „ама сакаме да го направиме затоа што сметаме дека треба повеќе да се зборува за ООП.“ Податоците ги собираат со прашалници. „На почетокот, одѕивот беше слаб. На 500 испратени е-маил пораки, добивме едвај 20 пополнети прашалници. Со текот на годините, компаниите ја согледаа важноста на општествената одговорност и ја вреднуваат нашата листа па има многу повеќе одговори. Има и лутење и изјави од типот „нема веќе да огласуваме кај вас“, ама мора да ја одржиме кредибилноста во листата“, вели Турк. Оценката на општествената одговорност е целовита, а не само во одредени сегменти на работењето. „Тешко е да се измери колку пари вложуваат компаниите. За некои работи не требаат многу пари, а ефекти се. Не прашуваме за апсолутни износи туку за % од приходи, Сега, веќе 3 години поентата е да се промовира општествено одговорната пракса повеќе од парите што ги употребиле.“ Финанце сами ја креирале методологијата за листата. Се обидуваат да ги заобиколат ПР намерите на компаниите. Ако има содржина во тие информации, велат, сами ја обработуваат. „Листата на општествено одговорни има повеќе едукативна намена кон компаниите. Таа ја преживеа кризата без разлика што таа не е толку профитабилна. Нашиот интерес го гледаме во тоа што информациите од неа ги користат и цитираат експертите, така го цитираат и весникот – на тој начин информациите траат подолго“, вели Дуња Турк. Во Финанце пишуваат и за добрите и за лошите пракси. Вметнале и содржини како до ... ООП. „Во сите содржини се обидуваме да вметнеме совети за претпријатијата како да бидат ОО. Претпријатијата со странски капитал повеќе зборуваат за тоа отколку другите, имаат поструктуриран ПР и затоа новинарите повеќе знаат за таквите нивни активности.“

IMG 9152

Финанце веќе 14 години доделуваат награда за животна средина. Весникот е и медиумски спонзор на сертификатот Family frendly, но самите не го поседуваат. „Ако го пополниме нашиот прашалник, нема да бидеме високо на листата“, вели Турк, „најмногу заради односот кон вработените, односно недостатокот на баланс во времето поминато на работа и надвор од неа.

Според уредничката на Дело, Романа Добникар Шеруга, третирањето на општествената одговорност е традиција во весникот. „Публиката од нас бара квалитет и тоа не секогаш може да се спои со барањето за профит. Но“, вели таа, „не сме тука само да критикуваме, тоа во денешната криза не е тешко, од нас се очекува да размислуваме за алтернативите“. Таа зборуваше за округлите маси што на иницијатива на весникот се организираат низ Словенија на кои се дебатира за тоа во каква држава сакаат да живеат Словенците. Темите се од темелно значење за развојот на државата за нив зборуваат стручни лица, не политичари. „Тоа не се теми за кои луѓето ќе ги кршат трафиките за да го добијат бројот, но тоа е нешто што сметаме дека треба да се прави“, вели Добникар Шеруга.

За Барбара Павлин, новинар на Дело, работите поврзани со ООП се движат во нагорна линија. „Претпријатијата пред 5 години ја разбираа општествената одговорност како донации и спонзорства. Оние со странски капитал беа поинакви заради притисоците да се одржат стандардите. Сега, ситуацијата е многу подобрена.“ Павлин е член на жирито за доделување на наградата за ООП на Институтот за развој на општествената одговорност. „Тоа ми помага да знам што се случува во претпријатијата, добивам идеи и собирам информации за моите текстови во весникот.“ Според неа, претпријатијата имаат проблем да им ги пренесат тие информации на новинарите бидејќи тоа не се топ теми но, многу се важни за општеството. „Сепак, за разлика од порано, сега има повеќе информации за оваа тема, повеќе конференции за кои новинарите можат да известуваат“, вели Павлин. Пред два месеци вовеле неделен додаток „Зелено Дело“ кој се занимава со животната средина. Новинарите сметаат дека со третирање на теми од општествената одговорност и весникот добива на углед и станува интересен за огласување.

Сепак, иако известуваат за општествена одговорност, тие самите како претпријатие не се многу одговорни. Ова повторно се должи на аспектот однос кон вработените.

IMG 9072

И радиото и телевизијата во јавниот сервис на Словенија посветуваат внимание на општествената одговорност. Според Мирко Штулер, одговорен уредник на втората програма на радиото, радиото обработува голем број на такви теми. Немаат посебна емисија но, за општествената одговорност зборуваат низ тематските емисии. „Некои од активностите ги правиме во партнерство со граѓански организации или претпријатија. Некогаш тоа е само поддршка со програмата, а некогаш и вклучување во активностите како што се хуманитарните акции, социјалните итн.“, вели Штулер. Според него, темите за општествена одговорност се добро примени од публиката, тие се in.

Што се однесува до телевизијата, во емисијата Права идеја, која е посветена на претприемништвото, се занимаваат и со општествената одговорност. Симон Врнар, новинар кој учествува во подготовката на емисијата вели дека освен што темата е in, компаниите разбираат дека е подобро да се промовираат преку содржина отколку преку маркетинг. „Веќе добивме неколку награди за емисијата и таа е се погледана. Избираме интересни концепти, компании кои успеале благодарение на нивните идеи, луѓе кои сами ги основале своите компании и на тој начин ги елиминираме оние што само сакаат да се сликаат. Кога во кризава добра вест е лошата вест, ние го правиме спротивното – ги промовираме добрите пракси и искуство,“ додава Врнар.

РТСловенија е во постапка за добивање на сертификатот Family Friendly. Доста се флексибилни во поглед на работното време и пријателски се кон семејствата на вработените. Во годишниот буџет на РТС оставаат сума која би служела за мобилизација на телевизијата во случај на итни потреби, временски непогоди и сл. Тие се сензитивни кон лицата со хендикеп на пример за слепите лица – филмовите се опишуваат, а за глувите, титлот е со бои за да се разликува дијалогот.


Како новинарите ја видоа општествената одговорност во Словенија

Позитивни се коментарите на учесниците на студиската посета. „Мене како на новинар ми се отворија други перспективи за поимот општествена одговорност на компаниите и сега често ги потпрашувам директорите на успешните компании дали размислуваат на оваа тема“, вели Горан Теменугов од Алсат-М. „Исто така,“ вели тој, „ги подигна моите лични стандарди за општествена одговорност што значи дека во мојата редакција ќе има поиздржани прилози на оваа тема. Стандардите веќе не се само кој дал пакетчиња или пари за донација, туку се повисоки и се однесуваат на тоа какви се фирмите по дома, односно дали се грижат пред се за своите вработени и за животната средина, па потоа дали фрлаат пари за себе рекламирање, а тоа завиткано во обланда колку се дарежливи“, додава тој.

IMG 9163

И за Жарко Настоски од Алфа ТВ студиската посета ги постигнала целите, односно го разбудила интересот за темата. „Се запознавме со еден различен систем на вредности воспоставен меѓу вработените, работодавачите и државата. Во неколку дена посетивме компании чии активности покажуваат повисока свест за општествената одговорност. Од друга страна, медиумите кои ги посетивме ја негуваат таа свест. Искуството со Словенија ми покажа дека општествената одговорност е тема која вреди да се третира во медиумите. Затоа, моето известување за оваа тема отсега ќе ги опфаќа не само постојните примери кај компаниите во земјава, туку и градење на свеста за општествено одговорните практики“, додава тој.

За Валентина Новковска-Трајковска од Македонското радио било интересно како колегите од РТС програмски ги третираат темите за општествена одговорност на претпријатијата. „Од она што го слушнав за начинот на кој ги подготвуваат прилозите, добив впечаток дека овие теми се застапени посистематски во споредба со нашата програма каде што, главно, се третираат по одреден повод“, вели таа.

Медиумското третирање на општествената одговорност е клучно во популаризирање на темата, јакнење на свеста не само кај компаниите туку и кај целата јавност.