Индекс на артикл

Општествено одговорни во известувањето, но не и како компании

Два дневни весници и една телевизија беа дел од програмата на студиската посета.

Финанце е специјализиран дневен весник за економија и бизнис. Со една од уредничките, Дуња Турк, учесниците разговараа за проектите за општествена одговорност но и за другите аспекти на функционирањето на весникот.

IMG 9134

Веќе седум години, Финанце составува и објавува листа на топ општествено одговорни претпријатија. „Нема профит од ваквиот производ“, вели Турк, „ама сакаме да го направиме затоа што сметаме дека треба повеќе да се зборува за ООП.“ Податоците ги собираат со прашалници. „На почетокот, одѕивот беше слаб. На 500 испратени е-маил пораки, добивме едвај 20 пополнети прашалници. Со текот на годините, компаниите ја согледаа важноста на општествената одговорност и ја вреднуваат нашата листа па има многу повеќе одговори. Има и лутење и изјави од типот „нема веќе да огласуваме кај вас“, ама мора да ја одржиме кредибилноста во листата“, вели Турк. Оценката на општествената одговорност е целовита, а не само во одредени сегменти на работењето. „Тешко е да се измери колку пари вложуваат компаниите. За некои работи не требаат многу пари, а ефекти се. Не прашуваме за апсолутни износи туку за % од приходи, Сега, веќе 3 години поентата е да се промовира општествено одговорната пракса повеќе од парите што ги употребиле.“ Финанце сами ја креирале методологијата за листата. Се обидуваат да ги заобиколат ПР намерите на компаниите. Ако има содржина во тие информации, велат, сами ја обработуваат. „Листата на општествено одговорни има повеќе едукативна намена кон компаниите. Таа ја преживеа кризата без разлика што таа не е толку профитабилна. Нашиот интерес го гледаме во тоа што информациите од неа ги користат и цитираат експертите, така го цитираат и весникот – на тој начин информациите траат подолго“, вели Дуња Турк. Во Финанце пишуваат и за добрите и за лошите пракси. Вметнале и содржини како до ... ООП. „Во сите содржини се обидуваме да вметнеме совети за претпријатијата како да бидат ОО. Претпријатијата со странски капитал повеќе зборуваат за тоа отколку другите, имаат поструктуриран ПР и затоа новинарите повеќе знаат за таквите нивни активности.“

IMG 9152

Финанце веќе 14 години доделуваат награда за животна средина. Весникот е и медиумски спонзор на сертификатот Family frendly, но самите не го поседуваат. „Ако го пополниме нашиот прашалник, нема да бидеме високо на листата“, вели Турк, „најмногу заради односот кон вработените, односно недостатокот на баланс во времето поминато на работа и надвор од неа.

Според уредничката на Дело, Романа Добникар Шеруга, третирањето на општествената одговорност е традиција во весникот. „Публиката од нас бара квалитет и тоа не секогаш може да се спои со барањето за профит. Но“, вели таа, „не сме тука само да критикуваме, тоа во денешната криза не е тешко, од нас се очекува да размислуваме за алтернативите“. Таа зборуваше за округлите маси што на иницијатива на весникот се организираат низ Словенија на кои се дебатира за тоа во каква држава сакаат да живеат Словенците. Темите се од темелно значење за развојот на државата за нив зборуваат стручни лица, не политичари. „Тоа не се теми за кои луѓето ќе ги кршат трафиките за да го добијат бројот, но тоа е нешто што сметаме дека треба да се прави“, вели Добникар Шеруга.

За Барбара Павлин, новинар на Дело, работите поврзани со ООП се движат во нагорна линија. „Претпријатијата пред 5 години ја разбираа општествената одговорност како донации и спонзорства. Оние со странски капитал беа поинакви заради притисоците да се одржат стандардите. Сега, ситуацијата е многу подобрена.“ Павлин е член на жирито за доделување на наградата за ООП на Институтот за развој на општествената одговорност. „Тоа ми помага да знам што се случува во претпријатијата, добивам идеи и собирам информации за моите текстови во весникот.“ Според неа, претпријатијата имаат проблем да им ги пренесат тие информации на новинарите бидејќи тоа не се топ теми но, многу се важни за општеството. „Сепак, за разлика од порано, сега има повеќе информации за оваа тема, повеќе конференции за кои новинарите можат да известуваат“, вели Павлин. Пред два месеци вовеле неделен додаток „Зелено Дело“ кој се занимава со животната средина. Новинарите сметаат дека со третирање на теми од општествената одговорност и весникот добива на углед и станува интересен за огласување.

Сепак, иако известуваат за општествена одговорност, тие самите како претпријатие не се многу одговорни. Ова повторно се должи на аспектот однос кон вработените.

IMG 9072

И радиото и телевизијата во јавниот сервис на Словенија посветуваат внимание на општествената одговорност. Според Мирко Штулер, одговорен уредник на втората програма на радиото, радиото обработува голем број на такви теми. Немаат посебна емисија но, за општествената одговорност зборуваат низ тематските емисии. „Некои од активностите ги правиме во партнерство со граѓански организации или претпријатија. Некогаш тоа е само поддршка со програмата, а некогаш и вклучување во активностите како што се хуманитарните акции, социјалните итн.“, вели Штулер. Според него, темите за општествена одговорност се добро примени од публиката, тие се in.

Што се однесува до телевизијата, во емисијата Права идеја, која е посветена на претприемништвото, се занимаваат и со општествената одговорност. Симон Врнар, новинар кој учествува во подготовката на емисијата вели дека освен што темата е in, компаниите разбираат дека е подобро да се промовираат преку содржина отколку преку маркетинг. „Веќе добивме неколку награди за емисијата и таа е се погледана. Избираме интересни концепти, компании кои успеале благодарение на нивните идеи, луѓе кои сами ги основале своите компании и на тој начин ги елиминираме оние што само сакаат да се сликаат. Кога во кризава добра вест е лошата вест, ние го правиме спротивното – ги промовираме добрите пракси и искуство,“ додава Врнар.

РТСловенија е во постапка за добивање на сертификатот Family Friendly. Доста се флексибилни во поглед на работното време и пријателски се кон семејствата на вработените. Во годишниот буџет на РТС оставаат сума која би служела за мобилизација на телевизијата во случај на итни потреби, временски непогоди и сл. Тие се сензитивни кон лицата со хендикеп на пример за слепите лица – филмовите се опишуваат, а за глувите, титлот е со бои за да се разликува дијалогот.