Индекс на артикл

ИТ компаниите одлично место за работа

Двете компании што ги посетија учесниците беа од сферата на информатичката технологија.

Халком е основана во 1992 година и обезбедува решенија за финансиски институции. Во 2003 година компанијата е прогласени за најбрзорастечка. Нивната корпоративна култура се базира на взаемна доверба и почит, на мултикултурна почит на постојан пренос на знаење низ транспарентни човечки врски. Нивната постојана цел е да се постигне најдобриот квалитет. Тие имаат верба дека постојаните промени се здрави и дека треба да се биде подобар во се што се прави. „Работникот не можете да го држите на работа под услови кои не ги сака“, вели Матијаж Чадеж, претседавач на одборот и извршен директор на Халком. „И да остане, тој нема да биде продуктивен. Мислиме дека кога им даваме на вработените добиваме повеќе отколку тоа да го правиме со уцени. Сакаме луѓето добро да се чувствуваат во фирмата тогаш и работата многу полесно се одвива, ефектите се поголеми. Принципите се важни, ние ги почитуваме луѓето и веруваме дека и тие на тој начин ќе не почитуваат нас“, вели тој.

IMG 9178

И во Инфотехна, која постои од 1988 година и се занимава со софтвери за фармацевтска индустрија, во фокусот се вработените. „Работиме многу за да ги задржиме луѓето“, рече Соња Јаковљевиќ. „Посебно оние стручните. Обично им треба 1 до 1,5 година да почнат да работат и вистински да произведуваат. Ако 2 години потоа си заминат, тогаш, тоа е многу скапо за нас. Времето се менува па денес младите често ги менуваат работните места. Сите информатичари имаат голема желба за учење, а се интересираат и за други работни места. Голем дел од обуките што ги организираме за нив се надвор од Словенија. Според теоријата, информатичарите не се лојални и тешко е да ги задржите. Во Инфотехна се обидуваме да ги задржиме така што влијаеме на работната околина“, додава Јаковљевиќ. Во работата вклучуваат мотивациски програми, многу меѓусебна комуникација, внатрешна флуктуација на работните места каде што е можно итн. „Вишокот работни часови се надополнува со вишок одмор“, вели Соња Јаковљевиќ, „тоа понекогаш прави проблем во панирањето но пробавме и функционира“.

И двете компании се носители на сертификатот Family frendly кој во основа заговара балансирање на времето поминато на работа и надвор од неа. „Не сакаме да ги изгориме луѓето на работа“, вели Чадеж од Халком, „затоа, не ја поттикнуваме работата надвор од работното време.“

IMG 9090

Во Халком им помагаат на родителите да се организираат со чувањето на деца во периодите на распусти, имаат и сопствена градинка за децата на вработените. Во врска со тоа дали повеќе чини воведувањето на сертификатот Family frendly, Јаковљевиќ рече дека има спротивставени мислења, „не успеавме да најдеме методологија да го измериме тоа. Но на прашањето дали во време на криза размислувале да скратат на општествената одговорност во односите со вработените таа рече: „Размислувавме за тоа околу 1 минута и рековме не! Луѓето се толку задоволно што не се исплати да се прави тоа.“

Надвор од фокусот на вработените и двете компании се ангажираат во другите сегменти на општествена одговорност. Во Халком организираат собирни акции (хартија, играчки и сл.) за маргинализирани групи или за училишта, месечно донираат за социјално загрозени семејства, соработуваат со Универзитетот и ги поддржуваат студентите од факултетите што им се од интерес, а поддржуваат и културни настани во помалите места.

Што се однесува до медиумите, и двете компании не инсистираат на маркетинг туку на ПР. Сметаат дека е добро што во време на криза, медиумите успеваат да ги популаризираат позитивните приказни.