Индекс на артикл

Како новинарите ја видоа општествената одговорност во Словенија

Позитивни се коментарите на учесниците на студиската посета. „Мене како на новинар ми се отворија други перспективи за поимот општествена одговорност на компаниите и сега често ги потпрашувам директорите на успешните компании дали размислуваат на оваа тема“, вели Горан Теменугов од Алсат-М. „Исто така,“ вели тој, „ги подигна моите лични стандарди за општествена одговорност што значи дека во мојата редакција ќе има поиздржани прилози на оваа тема. Стандардите веќе не се само кој дал пакетчиња или пари за донација, туку се повисоки и се однесуваат на тоа какви се фирмите по дома, односно дали се грижат пред се за своите вработени и за животната средина, па потоа дали фрлаат пари за себе рекламирање, а тоа завиткано во обланда колку се дарежливи“, додава тој.

IMG 9163

И за Жарко Настоски од Алфа ТВ студиската посета ги постигнала целите, односно го разбудила интересот за темата. „Се запознавме со еден различен систем на вредности воспоставен меѓу вработените, работодавачите и државата. Во неколку дена посетивме компании чии активности покажуваат повисока свест за општествената одговорност. Од друга страна, медиумите кои ги посетивме ја негуваат таа свест. Искуството со Словенија ми покажа дека општествената одговорност е тема која вреди да се третира во медиумите. Затоа, моето известување за оваа тема отсега ќе ги опфаќа не само постојните примери кај компаниите во земјава, туку и градење на свеста за општествено одговорните практики“, додава тој.

За Валентина Новковска-Трајковска од Македонското радио било интересно како колегите од РТС програмски ги третираат темите за општествена одговорност на претпријатијата. „Од она што го слушнав за начинот на кој ги подготвуваат прилозите, добив впечаток дека овие теми се застапени посистематски во споредба со нашата програма каде што, главно, се третираат по одреден повод“, вели таа.

Медиумското третирање на општествената одговорност е клучно во популаризирање на темата, јакнење на свеста не само кај компаниите туку и кај целата јавност.